31 Dec 2013



Ж е л е з н и ч к о т о  м о д е л а р с т в о  в о  М а к е д о н и ј а

Кратка историја со осврт на домашни модели

Железничкото моделарство во Македонија не е многу познато и застапено но сепак го има. 
Знајните почетоци датираат од '60-те години на минатиот век и се поврзани со појавата на ова хоби и во другите републики во тогашната заедничка држава Југославија.  

Моделите на локомотиви и вагони најпрво се увезувале од странство. Со пуштањето во работа на фабриката Механотехника во Изола, Словенија која покрај другото започнува да изработува и модели на локомотиви и вагони, истите стануваат достапни за купување и во нашите продавници.
Најинтересни биле моделите на железнички возила намалени во размер од 1:87 кој во моделарството е познат како "Н0" како и тие во размер од 1:160, познат како "N".

Некои од размерите во железничкото моделарство

Во главно тоа биле модели на железнички возила на странските железнички превозници. Со тек на време се повеќе зајакнувала желбата да се има и модел на домашните железнички возила. Се појавиле неколку ентузијасти  заинтересирани за ова хоби на кои главна цел им била создавање на домашни модели кои и ја започнуват потрагата по модели на странските железнички превозници слични на возилата на тогашните Југословенски железници (ЈŽ-ЈЖ). Истите се префарбуваат и им се налепуваат лепенки со ЈЖ ознаки со што странскиот модел се "подомаќинувал". Другата можност била рачна изработка на домашните модели и нивно малосеријско производство: одливање со помош на калапи. Овие две можности се користат и ден-денес и остануваат како главни кога е во прашање добивањето на домашни модели.
Со тек на време и производителите на серијски модели излегуваат во пресрет на љубителите на ЈЖ модели. Тогашниот источногермански производител на модели PIKO во својот каталог од 1961/62 година ги најавува а подоцна и ги издава своите модели на ЈЖ товарни вагони и со тоа ја започнува ерата на производство на модели на железнички возила од Југословенското подрачје.


Piko 5-6446-110 - JŽ-ЈЖ Gv
Механотехника го следи PIKO и десетина години подоцна го издава моделот на локомотивата ЈЖ 661-164 кој иако е само префарбан модел на америчката локомотива од типот GP18 сепак претставува прв серијски модел на ЈЖ локомотива кој некогаш е произведен.

Механотехника ЈЖ 661-164
На почетокот на '80-те години на минатиот век на Механотехника и PIKO им се придружува и производителот ROCO и го издава првиот сериозен модел на возило на Југословенските Железници: моделот на електричната локомотива ЈЖ 361-102.
Roco 04187B - JZ 361-102
Задоволен од успехот и продажбата на овој модел истиот произведувач за неполни година-две на пазарот го понудува и модификуваниот модел на оваа локомотива, моделот ЈЖ 361-007 за во 1983 од производство да го извади и првиот модел на парна локомотива од југословенските простори: ЈЖ 35-166.
ROCO 4116E - JZ 35-166
Во подоцнежните години во произведување на ЈЖ вагони на PIKO му се придружува и производителот Klein Modellbahn па така и овој вид на ЈЖ возила стануваат се позастапени во колекциите на љубителите на ЈЖ модели. 
 
Klein Modellbahn 9013 - JZ E  

Со престанокот на постоењето на тогашната држава СФР Југославија од некогашните Југословенски железници се раѓаат нови железнички управи. Повторно доаѓа до израз снаодливоста и вештината на мајсторите самоградители па така благодарејќи на малосеријски изработувачи на модели ги добиваме и првите модели на возилата на Македонските железници - МЖ: Славко Јовановиќ и Balkan Models изработуваат модели на локомотивите од серијата 661 во големина 1:87, а модел на локомотивата од истата серија во размер 1:160 изработува Милорад Јовановиќ.

MŽ 661-236 by S.Jovanović & MŽ 661-408 by M.Jovanović 


Недостатокот на домашни модели се чуствува кога се во прашање патничките вагони. Производителот Markez Models малосериски ги произведува првите модели на патнички вагони на Југословенските железници од производствениот асортиман на фабриката за шински возила „Гоша„ од Смедеревска Паланка меѓутоа како производ со мал тираж ни од далеку не успева да ги задоволи потребите на овој тип домашни модели.
MarkezModels 1005
  
Со настанувањето на новите железнички управи наследнички на Југословенските железници настануваат и нови состави на меѓународните композиции а со то а се појавува и потребата од модели на овие новонастанати железнички управи. Како резултат на тоа производителот Sachsenmodelle издава модел на вагон со легла со ознаките на Македонските железници под број 74430 и со тој потег се впишува како прв производител кој произвел модел на вагон на Македонските железници. Иако моделот претставува имагинарен вагон кој никогаш како таков не постоел, сепак заслужува внимание како прв големосеријски произведен модел на возило на Македонските железници.


MŽ Bc - Sachsenmodelle 74430 
Иако многумина ентузијасти очекуваа и останатите производители да го следат овој чекор на Sachsenmodelle па и тие да изработат некој модел на возило на Македонските железници, тоа не се случи.

Од друга страна италијанскиот производител АСМЕ на пазарот ги понуди своите шест модели на Југословенските железници: три модели на Белградски и три модели на Загребски вагони, добиени врз основа на веќе постоечки модели на вагони на Италијанските железници - FS.

ACME JŽ Beograd                                                                                   ACME JŽ Zagreb
50279, 50299 & 50399                                                                              50275, 50278 & 50298
За нас посебно се значајни моделите на Белградските вагони зашто вистинските вагони од овој тип биле застапени и возеле на територијата на Македонија: прво како вагони на италијанските окупациони сили во текот на II-та Светска војна а после неа како составен дел од композицијата на деловнит воз на релацијата Скопје-Белград.

Задоволен од успехот на овие модели АСМЕ го прави вистинскиот потег и на пазарот ги понудува првите сериски произведени модели на вагоните „Гоша„: Љубљанските Bl и ABl на Југословенските железници.

АСМЕ 52820 & 52800
Успехот на овие модели е голем. Барани се како од моделарите од новонастанатите држави - поранешни Југословенски републики така и од моделарите од Европските држави во кои овие „Гоша„ вагони сообраќале во состав на многуте меѓународни композиции. АСМЕ не застанува: на пазарот се појавуваат модели на белградски, загребски, сараевски „Гоша„ вагони, се нудат во разни варијанти: патнички вагони од прва и втора класа, кушети, коли за спиење...  задоволството на моделарите од просторите на поранешна Југославија е големо зашто овие вагони буквално прометувале и можеле да се видат на секоја железничка станица.
АСМЕ неуморно работи па се појавуваат: комплетот од четири модели на вагони на Мимара и трите комплети на Југославија Експрес со вкупно девет модели на вагони на Југословенските железници.  
АСМЕ
55061                                                                   55060                                                                   55075
И, повторно македонски модел: во својот комплет со број 55090 насловен како Hellas-Istanbul Express покрај двата модели на вагони на Турските и еден на Грчките железници АСМЕ го приклучи и моделот на вагонот со легла на ЖТO Скопје од времето на Југословенските железници и со тоа исто како и Sachsenmodelle ќе остане запаметен како производител кој прв серијски произвел модел на македонско шинско возило овојпат од ерата на Југословенските железници.

JŽ ŽTO Skopje Bcm - ACME 55090


После сите овие големосериски модели, оваа 2014 година од рацете на Славко Јовановиќ излегува модел на локомотива од серијата 667 со кој за сега е заокружена колекцијата на наши, домашни модели.
Slavko Jovanović - JŽ 667

Да се надеваме дека овој нема да биде и последен и дека во иднина ќе имаме можност да добиеме уште по некој модел на железничите возила од нашето подрачје.



Основни поими во железничкото моделарство, макетарство и колекционерство

Модел 
- сразмерно намалена копија на железничко возило, без разлика дали е моторизирано или не, дали е самоградба или не и без разлика дали е составувано од однапред подготвени готови делови или пак набавено како готово, комплетно составено возило.
Железнички модели

Диорама 
- помала површина со делумно изградена железничка инфраструктура која поради својата големина не дава можност за движење на моделите и композициите по неа.
Во повеќето случаеви диорамите служат за фотографирање и претставување на моделите.
Диорама

Макета 
- поголема површина со изградена железничка инфраструктура најчесто од затворен/кружен тип (што не е цврсто правило) која дава можност за движење на моделите и композициите.
Макета во изградба

Моделар 
- изработувач на железнички модели.

Макетар 
- изработувач на макети (и диорами) по кои ќе се движат железничките модели.

Колекционер 
- љубител на железнички модели кој ги собира и со тоа прави збирка односно колекција на истите.

Поради поврзаноста често се случува да еден вљубеник во ова хоби истовремено е и моделар и колекционер и макетар.



Крај


.